• Иван Димовски

Во рамките на шестото коло на Суперлигата ќе се одигра дерби натпревар меѓу Пелистер и МЗТ Скопје во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Двете екипи играат во пеколен ритам во домашното првенство и интернационалните натпреварувања.
Пред дербито со шампионот тренерот на пелистерци Борче Даскаловски е свесен за тежината на предизвикот.
„Пред нас е меч со исклучително квалитетен тим, ривал што го почитуваме, но секако ќе сториме се за да славиме. Она што ќе биде најважно за нас е да одиграме со висока енергија и во нападот и во одбраната, што не е нималку лесно по тешки средби што ги имавме на европската сцена. Се соочувавме и со повреди и со болест на дел од играчите, но дербито е меч што секогаш го вади најдоброто и што мотивира, па верувам дека ќе успееме да стигнеме до резултатот што го посакуваме. Секако, ќе треба да покажеме и дисциплина во играта, да го спроведеме планот и да не правиме наивни грешки како на последните натпревари.
МЗТ Скопје е тим што има костур од исклучително квалитетни домашни играчи. Тука е Војдан Стојановски, кој иако има 38 години покажува дека се уште е играч од највисока класа… крај него се и Дамјан, потоа Магдевски, Бојан Крстевски, како и помладите Петков и Андоноски и квалитетни странски кошаркари. Како што реков, играме против исклучително квалитетен противник што го респектираме, но ќе сториме се за пред нашата публика да славиме во ова големо дерби“, изјави Даскаловски.
Пресметката на Пелистер и МЗТ Скопје во Битола се игра вечерва во терминот од 20:00 часот.











