• Саше Љолес

Тренерот на битолски Пелистер, Борче Даскаловски, зборуваше во пресрет на натпреварот против МЗТ Скопје во домашната Суперлига, најавувајќи голема борба против актуелниот кошаркарски шампион.
„Пелистерци“ играат одлична кошарка од стартот на оваа календарска година, имаат пет победи на пет одиграни натпреври во Супер-лигата, но на сите во зелено-белиот табор им е јасно дека предизвикот против „металците“ нема да биде воопшто лесен.
„Одработевме квалитетно за време на репрезентативната пауза и сега се враќаме на завршницата од Суперлигата. МЗТ Скопје е тим што апсолутно го респектираме, но како и секогаш досега, ние мораме да бидеме фокусирани на нашата игра, како во нападот така и во одбраната.
Не верувам дека сме без шанси, напротив, ако одиграме онака како што знаеме и умееме би можеле да стигнеме до посакуваниот резултат. За тоа да се случи, треба максимално да се одработи на терен сето она што ќе го договориме пред мечот.
Сакаме да се одржи концентрацијата во текот на сите 40 минути. Кога играте против МЗТ мора да бидете перфектни од почеток до крај. Доколку успееме во тоа, можеме да парираме и да се надеваме на позитивен исход“, порача тренерот Даскаловски.
МЗТ Скопје го пречекува Пелистер во својата сала „Јане Сандански“ во Скопје. Натпреварот ќе се одигра на седми март, а почетокот е закажан за 19:00 часот.






