Дарко Соколов ќе ја игра јубилејната 25. сезона во кариерата

Еден од најискусните македонски кошаркари, Дарко Соколов, влегува во својата јубилејна 25. сезона на професионалната сцена.

Новата сезона 40-годишникот ќе ја започне во дресот на Феникс, кој ќе биде 14-тиот клуб во неговата богата кариера. Феникс под водство на Денис Дервишевиќ во новата сезона ќе игра во Првата лига на Мaкедонија.

Соколов кошаркарскиот пат го започна во Балкан Стил, каде дебитираше како само 15-годишник во сезоната 2001/02. Најголемите успеси ги оствари во редовите на Еуроникел, со кој двапати ја освои шампионската титула во Македонија, како и националниот Куп. Со кавадаречкиот клуб триумфираше и во БИБЛ лигата, а во сезоната 2010/11 беше прогласен за МВП на натпреварувањето.

Соколов има и двојна круна со МЗТ Скопје, додека во својата колекција поседува и трофеи во Купот на Македонија со Работнички и Карпош Соколи, како и Суперкупот освоен со Струмица. Покрај споменатите клубови, играше и за Вардар, Центар, Поло Трејд, АМАК СП.

Покрај на домашната сцена, искусниот бек има и две интернационални епизоди, со настапи за КК Босна од БиХ и во украински Химик. Кошаркарот беше дел од „златната генерација“ на ЕП 2011 која го освои четвртото место.