Даниел Јусуп од Задар е тренер на сезоната во АБА лигата

Тренерот на хрватскиот гигант Задар, Даниел Јусуп, е официјално прогласен за најдобар за изминатава сезона во АБА лигата. Хрватскиот стратег доби 53,8% од гласовите на тренерите, навивачите и спортските новинари, а зад него останаа Марко Барач и Жељко Обрадовиќ. 

Јусуп сезонава со Задар стигна до плеј-офот откако забележа учинок од 14 победи и 12 порази, заземајќи ја шестата позиција во регуларниот дел. 

Ова е најдобар резултат на хрватски тим по сезоната 2017/18, кога Задар исто така заврши на шестото место во јадранското друштво. Во плеј-офот екипата на Задар за противник ќе го има Будуќност во четвртфиналето.