Дамјан е МВП на финалето: Не беше лесно да се победи Работнички

Македонскиот репрезентативец Дамјан Стојановски го доби признанието за најдобар индивидуалец во финалната серија меѓу МЗТ Скопје и Работнички.

Кошаркарот на МЗТ Скопје играше важна улога на трите натпревари и како капитен на „штрковите“ го водеше тимот до кошаркарскиот трон. На трите меча имаше одличен учинок, па заслужено го понесе признанието за МВП.

„Ова беше тешко финале, иако победивме со три победи. Не беше лесно да се победи со Работнички, знаете како е да се игра против нив. Иако беа со пет-шест кошаркари, тие не се откажуваа. Во дербијата мора да си максимален и фокусиран, мислам дека заслужено го освоивме титулата. Долго време ќе жалиме само за пропуштената шанса за влез во АБА-лигата и за дуелите со Задар. Ќе беше добро за мак-баскетот да влеземе таму, затоа што нашата кошарка ќе добиеше на ниво“, изјави Стојановски по мечот.

МЗТ Скопје ја освои седмата титула во својата историја, а по едногодишна пауза се врати на шампионскиот трон.