• Саше Љолес

Долгогодишниот капитен на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, испиша нова историја и влезе во аналите на македонската кошарка откако стигна до неверојатен учинок.
Братот близнак на Војдан Стојановски се закити со десеттата шампионска титула во мак-баскетот, а воедно има и десет трофеи во Купот на Македонија, што е уникатно и историско достигнување.
Стојановски повеќе од една деценија е вистински симбол на МЗТ Скопје и секогаш плени со својот луциден кошаркарски талент и максимално залагање на теренот. И оваа сезона беше меѓу најдобрите поединци на „металците“ од Аеродром, кои со конечни 3-1 го совладаа ТФТ Скопје во финалната серија од плеј-офот.
Колекцијата со трофеи и признанија на Дамјан Стојановски е исклучително богата, па покрај „дабл-дабл“ учинокот во првенството и Купот, петпати беше МВП на Првата лига, уште трипати во Купот, а има и шест трофеи од македонскиот кошаркарски Суперкуп.
ФОТО: Кошаркарска федерација на Македонија