• Горан Упале
Кошаркарите на Мајами Хит дури по продолжението успеаја да го совладаат тимот на Далас Маверикс на домашен терен, кој во Флорида пристигна без својот најдобар играч Лука Дончиќ (123-118).
На осум секунди до крајот на регуларниот дел од натпреварот се беше во рацете на Кајри Ирвинг, кој застана на линијата за слободни фрлања при резултат 113-112. Сепак, наместо двe, погоди едно фрлање и им даде шанса на домашните да се изборат за продолжение. Таквиот подарок беше прифатен од противникот и во дополнителните минути Мајами беше посмирен во завршницата и заслужено славеше нова победа.
Џими Батлер беше најефикасен кај Мајами со 33 поени, девет скока и шест асистенции, додека Адебајо беше 19 со 11 скока и пет асистенции. Кај Далас најефикасен беше Кајри Ирвинг со 27 поени, а забележа и четири скока и шест асистенции. Зад него беше Вашингтон, кој постигна 21 кош.
Одличен беше и Кливленд на домашен терен и славеше по десетти пат пред своја публика. Овој пат со пораз си замина тимот на Торонто со 122-108. Ова беше вкупно седумнаесетта победа за Кливленд во осумнаесет натпревари оваа сезона.
Донован Мичел натпреварот го заврши со 26 поени, а се истакна во последниот дел кога постигна 11 поени. Истиот учинок го имаше и Тај Џером. Заедно со споменатиот тандем блескаше и Џерет Ален со 23 поени и 13 скока. На спротивната страна се истакнаа Барнс и Дик кои постигнаа по 18 поени.