ВИДЕО: Далас без Дончиќ немоќен против Мемфис, Јокиќ со трипл-дабл ја сруши Јута

Кошаркарите на Далас Маверикс запишаа нов неуспех, трет на последните пет натпревари во НБА лигата, откако во дербито на вечерта пред својата публика беа тотално надиграни и поразени од Мемфис Гризлис со 107-121.

Првата ѕвезда на тимот од Тексас, Лука Дончиќ, поради повреда не настапи на овој дуел, и неговите соиграчи останаа без решение во офанзивата против цврстата одбрана на гостите. Во отсуство на словенечкиот плејмејкер во редовите на Далас солидна партија одигра Порзингис со 32 поени и 12 скока, но немаше поддршка од соиграчите. Кај Мемфис се истакна Морент со 21 поен. 

Значајна победа запиша и тимот на Лос Анџелес Клиперс над четвртиот тим во Источната конференција, Мајами Хит. На крај Клиперси славеа со 128-111 и повторно се вратија на втората позиција во Западот, веднаш зад градскиот ривал Лејкерс.

Пол Џорџ со дабл-дабл учинок (23 поени, 5 скока и 10 асистенции) беше најдобриот поединец во редовите на победничката екипа, додека кај Мајами најпрецизен беше Џонс со 25 поени. 

Бранителот на НБА титулата, Торонто Репторс ја продолжи позитивната серија во овој период и го запиша 12-от триумф во низа во НБА лигата. Со минимални еден поен разлика совладан беше тимот на Индијана Пејсерс, кој водеше буквално во целиот тек на второто полувреме, но немаше среќа во завршницата.

Ловри со 32, Ибака со 27 и Слакам со 25 поени беа најдобрите кошаркари на паркетот, а кај Индијана прва алка беше Брогдом со 24 поени. 

Никола Јокиќ имаше неверојатна вечер во дресот на Денвер Нагетс. Српскиот центар забележа нов трипл-дабл со 30 поени, 21 скок и 10 асистенции и беше најзаслужен за победата на својата екипа на гостувањето кај Јута Џез од 95-98.