• Мартин Танасковски

Екипата на Феникс им се врати на победите и триумфира над Кожув (83-79) по оној пораз на гостувањето кај Еуро Никел во рамки на Првата лига. Тимот на Денис Дервишевиќ се бори за што е можно повисока позиција за плеј-офот.
Кожув под палката на Јончевски игра одлично, но немаше сили да дојде до подвиг на гостувањето во Скопје кај еден од најмладите тимови кој во своите редови има тројца искусни играчи - Бојан Трајковски, Марјан Јанески и Ивица Димчевски. Иако во еден момент имаше 16 поени негатива (57-41), Кожув се врати во мечот, ама не направи подвиг.
Бојан Трајковски беше централна фигура на мечот со „дабл-дабл“ од 26 поени и 12 скока, пред капитенот Митревски со 20 поени, додека кај Кожув се истакна Американецот Гордон со 18 поени и седум асистенции, пред Ризвиќ со 16 поени.
Феникс е четврти во домашниот шампионат со скор 11-7, додека Кожув ја држи позицијата број осум, последната која води во плеј-офот, со 8-10.