„Дабл-дабл“ на Младеновски, Работнички подобар од Куманово

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив Работнички фати приклучок во горниот дел на табелата со МЗТ Скопје, затоа што на домашен терен го совлада Куманово (77-72), ривал кој се покажа како доста незгоден.

Иако во подмладен состав, Куманово му даде голем отпор на фаворитот на хартија во „Градски парк“. Работнички и гостинот играа дуел рамо до рамо три периода, а избраниците на Димитар Мираковски го скршија отпорот во последните десет минути и дуелот го добија на искуство.

Во последните десет минути Работнички влезе со предност од 53-51, па Кирил Николовски и Хајден Лесколт врзаа поени, за 58-51. Гостинот предводен од Петровиќ константно бркаше резултат, но ниту еднаш не успеа да дојде во позиција да се закани дека може да изненади на тешкото гостување. Работнички во еден момент имаа и десет поени предност (65-55), а до крајот Куманово иако се врати и дојде на „минус два“ (74-72), сепак, немаше сили за комлетен кам-бек. Вреди да се напомене дека Црниќ шутна тројка на пет секунди пред крајот за изедначување, ама ја промаши.

Најдобар кај Работнички беше Николовски со 19 поени, додек Мијатовиќ реализира 15 поени, а Младеновски имаше одличен натпревар со „дабл-дабл“ од 14 поени и 12 скока. Кај Куманово, симултанка играше Црниќ со 27 поени, а го следеше Горјан Марковски со 11 поени.

Работнички во Првата лига има скор 8-4, исто како и Еуро Никел, додека на врвот се МЗТ и Гостивар со скор 9-3. Куманово, пак, има седум победи и пет порази.