• Саше Љолес

Синот на славниот Леброн Џејмс, Брони, официјално се пријави за учество на овогодинешниот НБА драфт и ќе се обиде да добие договор од некоја франшиза која би сакала да го види во своите редови.
Иако Леброн има голема мечта да заигра еден ден со својот син во најсилната светска лига, сепак дел од кошаркарската јавност смета дека неговиот син не поседува доволно квалитет за НБА и помалку брутално му порачаа да си ја побара среќата на друго место.
„Мораме да бидеме искрени и да коментираме објективно. Брони ги нема квалитетите што ги поседува неговиот татко, Леброн беше сосема друга приказна. Мислам дека младиот Џејмс не е подготвен за овој предизвик.
Нема поента да го форсираме во НБА само поради татко му, едноставно е очигледно дека тој нема да се снајде во најсилната конкуренција. Брони не е ни одблизу подготвен за НБА лигата и мислам дека сите ќе се согласат со тоа“, пишува Сем Весини, кој е експерт за НБА драфтови.
Брони Џејмс минатата година доживеа срцев удар, но потоа целосно закрепна и ѝ се врати на кошарката. Неговиот татко со години мечтае да заигра заедно со неговиот син, па останува да видиме дали таа желба конечно ќе му се исполни.