ЦСКА до 11-ти триумф во низа, Реал држи чекор со лидерот на Евролигата

Кошаркарите на Реал Мадрид запишаа планирани бодови на домашната пресметка со Алба Берлин (91-62), во рамките на 16. коло од Евролигата. Германците парираа само на стартот, но потоа целосно се распаднаа и домаќинот убедливо поведе, а потоа и победи. 

Алба одигра добро на стартот и имаше воведна предност, која ја одржа до стартот на втората четвртина. Тогаш Реал заигра одлично и лесно поведе двоцифрено, па во продолжението само ја надополнуваше позитивата која достигна највисоки +31. 

Најефикасен играч на средбата беше Таварес со 16 поени, еден повеќе од Гаруба, а кај Алба со по 13 се истакнаа Ло и Сикма.

Лесен триумф запиша и лидерот ЦСКА Москва кај Асвел во Вилербан од 87-78. Французите се обидуваа да одржат чекор со фаворитот, но не им одеше најдобро бидејќи Русите во клучните моменти беа сконцентрирани. Мајк Џејмс со 31 поен го предводеше тимот на ЦСКА Москва, додека со 17 беше надополнет од Милутинов. Кај Асвел со 16 поени најдобар играч беше Јабуселе.