ЦСКА Москва пак разочара, борбата за третото место во Евролигата за Милано 

Екипата на Олимпија Милано ја „грабна“ бронзата во Евролигата, откако во денешната борба за третото место во европската елита со убедливи 83-73 славеше над актуелниот шампион ЦСКА Москва 

На паркетот во „Ланксес Арената“ во Келн, рускиот шампион не успеа да ја оправда фаворитската улога против разиграните „манекени“ и повторно ги разочара своите фанови. 

 Стартот на малото финале наговестуваше интересен и неизвесен натпревар, затоа што двете екипи отворија мотивирано и ефикасно, а за нијанса поуспешна беше ЦСКА, која на првата мала пауза замина со позитива од три поени (20-23). Но, во вторите десет минути, италијанскиот тим ја презеде контролата, а со тоа и водството, па на полувреме на семаворот стоеше 40-34 за Милано.

Второто полувреме започна идентично како и првото, со подобра игра на Русите и намалување на негатива на само три поени, но во клучните моменти кошаркарите на Милано беа речиси непогрешливи и со убедливи 83-73 се изборија за победа и трето место во Евролигата. 

Мицов и Родригез со по 14 поени беа најпрецизни во таборот на победничкиот тим, додека кај ЦСКА Москва прв стрелец беше Шенгела со 18 поени. Во големото финале кое по пауза од една година ќе го даде шампионот на Евролигата ќе се судрат Барселона и Анадолу Ефес.