ЦСКА Москва го задржа најкорисниот на завршниот турнир на Евролигата

Најкорисниот кошаркар на завршниот турнир на Евролигата, Американецот Вил Клибурн и во иднина ќе го носи дресот на ЦСКА Москва. Јунакот од неделното финале против Анадолу Ефес во Виторија, се согласил на продолжување на договорот со „армејците“ за уште една година по поповолни услови.

Според информациите на руските и специјализираните кошаркарски медиуми, немаше дилеми за нов договор, само дилемата беше неговото времетраење.

Клибурн во Европа се проби носејќи го дресот на Улм во Германија, па настапуваше за израелски Хапоел Холон, за првпат во Евролигата да заигра за Дарушафака пред три сезони.

Сезонава запиша 35 настапи за ЦСКА Москва и постигнуваше 13,6 поени по натпревар, а придодаде и 6,8 скока, 1,5 асистенции и имаше просечен индекс 17,5 поени.