ЦСКА им се врати на домашните победи, Жалгирис со пресврт до бодови во Франција

ЦСКА

ЦСКА Москва им се врати на победите во Евролигата, кога се во прашање домашните натпревари. Денес кошаркарите предводени од Димитриос Итудис беа подобри од шпанска Валенсија (84-75).

Домаќинот подобро го одигра првото полувреме, во кое стекна солидна предност (44-35). Тоа како да ги натера „армејците“ да се опуштат и да му го препуштат темпото на игра на противникот. Гостинскиот тим се врати во игра за бодови со подобро издание во третата четвртина.

Сепак, ЦСКА одново ја врати цврстата игра во одбрана и во завршницата без проблеми стигна до нов триумф. Ова е второ славје на домашен терен за рускиот гигант во Евролигата, а во минатото коло го запиша и првиот пораз во дуелот со Алба Берлин.

Џејмс со 17 и Клејбурн со 15 поени беа најефикасни кај домашната екипа, а Калиниќ беше најрасположен кај Валенсија со 15 поени.

Жалгирис заборави на поразод во претходното коло и успеа да слави на гостувањето кај Лион (74-83). Литванскиот првак мораше да се помачи за да се израдува на бодовите. По една четвртина имаше негатива од десет коша, па до крајот мораше да прави пресврт, до кој стигна на убедлив начин. Григонис беше незадржлив за домашните кошаркари и постигна 25 поени.