ЦСКА го „наполни“ Олимпијакос, Фенер со голема победа се враќа од Русија

Кошаркарите на Олимпијакос продолжуваат со променливите игри и резултати во Евролигата, а вечерва запишаа катастрофален пораз во рамки од 11. коло во европската елита. Иако се очекуваше возбудлив натпревар и борба до последен атом, грчкиот гигант со наведната глава ќе се врати дома, затоа што на гостувањето кај ЦСКА Москва загуби си убедливи 80-61.

Сè уште актуелниот бранител на титулата дербито го отвори квалитетно и уште од самиот старт му даде до знаење на противникот дека бодовите остануваат во Москва. Џејмс реализираше и ги разигруваше соиграчите, а тоа донесе десет поени предност за ЦСКА по првите две четвртини.

Домаќините во ист ритам продолжија и по паузата, па предноста се зголемуваше од минута во минута. Во еден момент истата изнесуваше 24 поени, но Олимпијакос до крајот на мечот успеа да намали и за дома се врати со пораз од 19 разлика (80-61).

Џејмс со 16 поени и по седум асистенции и скока беше најпрецизен во редовите на победничката екипа, додека кај Олимпијакос по десет поени запишаа Принтезис и Марин. 

Во терминот од 18:00 часот се одигра уште еден натпревар во Евролигата, на кој Фенербахче по голема борба славеше на гостувањето кај Зенит со 65-73.