ЦСКА доби шлаканица од Алба и запиша втор пораз во Евролигата

Алба

Големо изненадување донесе првиот натпревар од денешната програма во Евролигата. Екипата на Алба Берлин ја запиша првата сезонска победа и тоа на теренот кај големиот фаворит ЦСКА Москва (88-93).

Фенерџијата на табелата по три порази во низа стигна до први бодови, победувајќи на еден од најтешките терени за игра во Европа. Гостите направија пресврт во вториот дел, поточно во третата четвртина и го изненадија рускиот гигант.

Сè одеше според планот на домашните кошаркари по првите 20 минути. Тимот играше солидно и на рутински начин стигна до предност од 51-49. Потоа следуваше неочекуван пад, кој германскиот претставник го искористи за да направи пресврт.

ЦСКА се бореше до крај, но Алба направи победничка серија во последните две минути од натпреварот. Клејбурн донесе неизвесност кога постигна тројка за 85-87 на 50 секунди до крајот. На спротивната страна возврати Лук и стави точка на натпреварот.

Фонтекио со 20 поени беше прво име кај гостинот, а кај домашниот тим се истакна Џејмс со 27 поени.