Црвена Звезда го освои Купот на Србија, Армани Џинс пак го подигна пехарот во Италија

Белградска Црвена Звезда го освои Купот на Радивоје Корач во Ниш, откако во драматично финалето го победи најлутиот ривал Партизан со 74-64 (23-23, 13-11, 16-13, 22-17).

20 минути се играше изедначено, дури и момците на Џикиќ играа подобро и парираа против евролигашот. Сепак на крајот од третиот период, бековите на Радоњиќ ја направија разликата и предноста брзо стана двоцифрена. Најефикасен во победничката екипа беше Симоновиќ со 18 поени, но Гудуриќ, кој исто така постигна 18 поени беше прогласен за МВП на финалниот натпревар. Мечот кратко беше прекинат, откако едно официјално лице беше погодено од трибините со пиротехнички објект.

Емпорио Армани Џинс го освои Купот на Италија, откако на завршниот турнир во Римини во финалниот натпревар беше подобар од Динамо Сасари со 94-84. Рики Хикман со 25 и Сандерс со 15 поени беа најзаслужни за победата на „манекените“.