• Мартин Танасковски
Белградска Црвена Звезда беше на прагот да направи голем кам-бек, но загуби здив во финишот. „Црвено-белите“ доживеаја пораз во Валенсија (85-81), во натпревар во кој надополнија двоцифрена негатива.
На полувремето српскиот тим губеше со 16 поени разлика (56-40), а на крајот, предводен од искусните играчи, дојде на 81-81. Имаше уште 54 секунди за тотален кам-бек, ама забавата за гостите ја расипаа Харпер и Дејвис. Во два наврати Црвена Звезда промаши тројки, преку Теодосиќ и Напиер. Дејвис го заврши натпреварот со 21 поен за Валенсија, а Недовиќ имаше 14 поени за белграѓани.
Макаби Тел Авив ги преживеа расположените Французи и впиша нова евролигашка победа. Израелската гордост триумфираше на гости кај АСВЕЛ (91-94) и покрај шутерите Ловерњ и Де Коло кои завршија со 23, односно 22 поени. Прв поентер кај Макаби беше Болдвин со 21 поен и осум асистенции.
Виртус Болоња го приреди изненадувањето на вечерта и во Италија ја доби Барселона (80-75). Каталонскиот тим се распадна во финишот и на противникот му дозволи од 75-75, да дојде до победата со серија од пет поени. Данецот Лундберг беше најдобар со 21 поен, пред Хекет и Шенгелија со по 14 поени, додека кај Барселона, Хернангомез имаше 15, а Весели 13 поени.
Домашниот терен го одбрани и Басконија со минимален триумф над турски Фенербахче (80-79). Победата ја донесе Хауард со тројка на девет секунди пред крајот. Токму Хауард беше најдобар поентер на мечот со 28 поени. Кај Фенербахче, Хајс имаше 19, а Гудуриќ 14 поени.