Црвена Звезда со нова победа против Мега Лекс и Самарџиски обезбеди финале

Кошаркарите на Црвена Звезда се првиот финалист на кошаркарскиот шампионат на Србија, откако во вториот натпревар од полуфиналето на гостински терен ја совладаа Мега Лекс со 75-84. Предраг Самарџиски на денешниот натпревар постигна 8 поени и запиша 4 скока.

Првата четвртина започна со брза кошарка и со многу поени и на мала пауза се замина со предност на „црвено белите“ од 26-28. Во продолжение избраниците на Радоњиќ одиграа цврста одбрана, тимот на Самарџиски постигна само 13 поени и на одмор Црвена Звезда замина со предност од +8 (39-47).

Второто полувреме почна со тројка на Бјелица, а и во продолжение Црвена Звезда продолжи со сигурна игра и се одлепи на +15 (43-58). Но, Мега Лекс возврати со серија од 16-0 и поведе со 59-58 и најави супер завршница. Сепак, на крајот пресуди евролигашкото искуство на Црвена Звезда, која славеше победа од 75-84. Најефикасен во тимот на Црвена Звезда беше Томпсон со 19 поени, а во тимот на Мега Лекс, Јарамаз запиша 14 коша.

Противник на Црвена Звезда ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Партизан и ФМП. Тимот на ФМП во првиот натпревар славеше изненадувачки на гостински терен и утре на домашен терен ќе има можност да обезбеди прво финале по 2003 година.