• Мартин Танасковски
Кошаркарите на Црвена Звезда на најдобар можен начин ја заокружија 2025 година, со убедлива победа во регионалното дерби од АБА лигата. Во натпреварот од 12. коло во групата Б на АБА лигата, одигран во салата „Пионир“, црвено-белите ја надиграа Цедевита Олимпија со 97-77.
Со овој триумф, екипата на Саша Обрадовиќ стигна до скор од седум победи и три порази во регионалното натпреварување, додека словенечкиот претставник го запиша својот втор пораз во сезоната.
Најефикасен во редовите на Звезда беше Чима Монеке, кој натпреварот го заврши со 17 поени, додека значаен придонес даде и Донатас Мотејунас со 12 поени. Добра партија прикажа и Девонте Грејам, кој заврши со 10 поени.
Кај Цедевита Олимпија, најрасположен за игра беше Алексеј Николиќ, кој со 17 поени се издвои како најдобар стрелец на својот тим, но тоа не беше доволно за да се избегне убедливиот пораз во Белград.





