• Мартин Танасковски
Екипата на Црвена Звезда и понатаму останува без гостинска победа во Евролигата. „Црвено-белите“ одиграа лош прв и добар втор дел против Басконија во Шпанија, но мора да се помират со пораз (87-85) во рамки на 13-тата рунда од елитата.
Белграѓани имаа ужасно прво полувреме и Басконија тоа го искористи. Шпанскиот тим даде дури 11 тројки, а на пауза замина со 52-43. Во последниот квартал избраниците на Ивановиќ имаа и плус од десет поени (84-74), меѓутоа Црвена Звезда со блескава завршница дојде до егал. Прво беше 84-82, па Гиедраитис даде тројка на осум секунди пред крајот, за 85-85. Мечот влезе во „пенал-завршница“. Последниот напад на мечот го имаше Звезда, ама не го искористи.
Гиедраитис даде 24 поени кај белграѓани, но тој беше трагичар затоа што не ја погоди тројката за победа. Кај Басконија, Седекерскис имаше 18, пред Хауард со 17 поени.
Монако забележа важна победа на незгодното гостување кај Жалгирис во Каунас (79-83). Мајк Џејмс повторно имаше фантастичен меч со 25 поени, а кај литванскиот првак се истакнаа Димса со 14 поени и Смитс со дабл-дабл од 13 поени и 11 скока.
Олимпијакос го одбрани домашниот терен и беше убедлив со Баерн Минхен (77-69). Петерс и Вокап со по 14 поени диригираа кај победникот, пред Ларенцакис со 13 поени, а кај десеткуваниот Баерн кој беше без неколку првотимци, Милутинов имаше 12, а Едвардс 11 поени.
Барселона го освои целосниот плен против Фенербахче (89-81) благодарение на Хернангомез кој даде 21 поен, а поддршка му беше Лапровитола со 15 поени. Кај турскиот ривал Хајс имаше 18 поени.
Полн плен освои и Виртус Болоња која пред својата публика даде „стотка“ со Макаби (100-90). Торнике Шенгелија имаше феноменален дуел со 27 поени и осум скока, пред Белинели со 22 поени, а кај Макаби се истакна Браун со 26 поени.