• Горан Упале
Кошаркарскиот клуб Црвена Звезда ги потврди шпекулациите кои кружеа во српската јавност неколку дена - Гркот Јанис Сферопулос повеќе не е тренер на евролигашот.
„По заедничкиот состанок на претседателот на клубот Жељко Дрчелиќ, генералниот директор за спортски сектор Милан Томиќ, раководството на клубот и сегашниот тренер Јанис Сферопулос, беше одлучено Сферопулос повеќе да не ја извршува функцијата тренер на првиот тим на нашиот клуб. Оваа одлука беше донесена со само една цел што ја имаа двете страни - дека ова е во најдобар интерес на КК Црвена Звезда во овој момент“, објави клубот од Мали Калемегдан.
Сферопулос беше назначен за прв тренер на КК Црвена Звезда на 21 октомври 2023 година, а во периодот до октомври 2025 година, освои четири трофеи со клубот (АБА лига, два купа „Радивој Кораќ“ и првенството на Србија), а тимот минатата сезона стигна до плејофот од Евролигата.
Во текот на неговите две години на клупата на Црвена Звезда, тој го предводеше првиот тим до 145 натпревари со скор од 90 победи и 55 порази. Се очекува Црвена Звезда да назначи нов тренер по натпреварот со Фенербахче, а фаворит е Саша Обрадовиќ.






