• Горан Упале
Налетот на Црвена Звезда не запира. Шампионот на Србија и победникот во последното издание на АБА лигата е сè поблиску до самиот врв на табелата во Евролигата. Момците на Сферопулос четвртата последователна, а вкупно дванаесетта победа во дваесет одиграни кола.
„Црвен-белите“ вечерва пред полните трибини во „Штарк Арена“ го совладаа тимот на Париз со резултат 85-67 и сега имаат ист број на победи со Фенербахче и се на делба на четвртото и петтото место, но турскиот тим има натпревар помалку. Што се однесува до Париз, до неодамна лидерот на табелата, го претрпе петтиот последователен пораз и со тоа го продолжи падот на табелата, па сега е во групата на екипи од шестото до десеттото место со по 11 победи. Исто така, парижаните имаат еден натпревар помалку, токму против Фенербахче.
Најдобар поединец во победничкиот тим беше Кенан со 15 поени, а одлични беа и Милер-Мекинтајр и Недовиќ со по 14 поени. За Париз одново блесна македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс со 17 поени и четири асистенции.
Вечерва, очекувана победа забележа и тимот на Олимпијакос, кој пред својата публика го посрамоти Баерн Минхен со 43 разлика. Грчкиот гигант славеше со 116-69, а неверојатна партија имаше Бугаринот Саша Везенков со 45 постигнати поени.