• Саше Љолес
Екипата на Црвена Звезда ја загуби финалната серија од АБА-лигата од најголемиот ривал, Партизан, но белградските „црвено-бели“ веќе ги започнуваат плановите за следната сезона. Од Србија стигнуваат информации дека легендарниот плејмејкер Милош Теодосиќ е пред потпис со „звездашите“ и ќе добие двегодишен договор со гигантот.
Теодосиќ веќе неколку пати сезонава изјавуваше дека нема намера да се пензионира, иако има полни 36 години, а неговата етапа во тимот на Болоња се чини дека полека завршува. Оваа ситуација најверојатно ќе ја искористи Црвена Звезда која се обидува да го донесе одличниот плејмејкер во своите редови.
Поранешниот српски репрезентативец сезонава за Болоња настапи на 26 натпревари во Евролигата и забележа просек од 10,3 поени, шест асистенции и 1,6 скокови. Теодосиќ сигурно би бил големо засилување за Црвена Звезда, затоа што се работи за играч со огромно искуство, кој во своето портфолио има безброј трофеи и индивидуални признанија.
Милош Теодосиќ ја започна кариерата во ФМП и Борац Чачак, а потоа следуваа блескавите етапи во неговата кариера и беше дел од Олимпијакос, ЦСКА Москва, Лос Анџелес Клиперс во НБА-лигата и Виртус Болоња. Трофејот во Евролигата го освои во 2016 година како член на ЦСКА Москва, а со репрезентацијата на Србија има сребрени медали од Олимписките игри во Рио, Светското првенство во Шпанија во 2014 година, како и од Европското првенство кое се одигра во 2009 година во Полска.