• Горан Упале

Екипата на Црвена Звезда одново прокоцка голема можност да впише нова победа во Евролигата, откако на свој терен по продолжението загуби од Зенит, со резултат 76-80 (69-69).
Руските кошаркари квалитетно и ефикасно го отворија мечот пред српската публика и со 29 поени во првите десет минути се изборија за позитива од осум поени (21-29). Во продолжението „црвено-белите“ успеаја да се стабилизираат и да ја вратат резултатската неизвесност на натпреварот и на полувреме се замина со само два поени водство за гостите.
По паузата Зенит доживеа вистински шок и ја почувствува моќта на одбраната на српскиот шампион. Во третиот квартал рускиот тим постигна само шест поени и Црвена Звезда ја презеде предноста, но во самиот финиш потфрли во двата правци и натпреварот замина во дополнителни пет минути (69-69). Во продолжението посвежи беа кошаркарите на Зенит кои со 5-10 заслужено ја впишаа својата дванаесетта победа во Евролигата оваа сезона.
Волтер со 19 и Холинс со 15 поени беа најпрецизни во таборот на домашниот тим, додека во редовите на Зенит прв стрелец беше Барон со 24 поени.