Црвена Звезда одигра „ѕверска“ одбрана и славеше над Зенит во Евролигата

Кошаркарите на Црвена Звезда ставија крај на лошите резултати во Евролигата и во прав момент го средија Зенит и среде Русија слават голема победа од 58-69.

Српскиот шампион фантастично го отвори мечот во Русија и веднаш резултатски се одлепи. Одбраната повторно беше најсилното оружје на „црвено-белите“ кои во првите две четврти примија само 28 поени и на одмор заминаа со позитива од 14 поени (28-42). Рускиот тим не се снајде најдобро ниту по полувремето и одново постигна само 12 поени за 10 минути и победникот на мечот веќе беше јасен. На крај Црвена Звезда иако ја загуби последната четвртина, сепак славеше сигурна победа од 11 поени разлика (58-69).

  • Зенит - Црвена Звезда 58-69:

Водечка сила на белграѓани во Русија беа Волтерс со 14 и Калиниќ со 11 поени, додека кај домашниот тим најефикасен беше Мики со 16 поени.

Првиот денешен натпревар од 13. коло во Евролигата, донесе голема драма во Татарстан, во која гостинскиот тим на Олимпијакос по продолжението го совлада Уникс Казан со резултат 87-84, откако по 40 минути игра на семафорот застана 77-77.

  • Уникс Казан - Олимпијакос 84-87:

Со оваа победа, трета по ред, грчкиот тим има скор 9-4, додека Уникс кој имаше серија од четири победи сега е на 7-6. Дуелот во Русија беше неизвесен и возбудлив уште од самиот почеток, двете екипи играа квалитетно и не дозволуваа ривалот резултатски да се одлепи, но во клучните моменти од дополнителните пет минути Везенков одигра фантастично и постигна клучна тројка на 29 секунди до крајот и донесе недостижни +5 на гостите од Грција.

Во победничкиот тим најдобар беше токму Везенков 22 поени, а нему го следеше искусниот Костас Слукас со 12 поени. 

Продолжение имаше и во Турција, каде што актуелниот шампион Анадолу Ефес иако во последната четвртина успеа да ја стигне Барселона, во петте дополнителни минути остана без сили и загуби со 93-95.