• Горан Упале
Кошаркарите на Црвена Звезда извојуваа голема победа на отворањето на новата сезона во Евролигата и на тој начин го расипаа дебито на Париз и македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс во кошаркарската елита на стариот континент.
„Црвено-белите“ по голема борба од „-13“ стигнаа до неверојатен триумф во француската престолнина со резултат 77-80. Во првите две четвртини парижани беа за нијанса поквалитетни и поефикасни, а во третиот квартал стигнаа до најубедлива предност од 53-40. Но, српскиот гигант се разбуди во вистински момент и воден од Немања Недовиќ успеа да направи пресврт и на крај да слави заслужена победа од три поени разлика.
Недовиќ натпреварот во Париз го заврши со 21 поен, а кај домашниот тим се истакна македонскиот репрезентативец Шортс со 16 поени.
Стартна победа забележа и тимот на Анадолу Ефес, кој на гостувањето кај Виртус Болоња славеше со 67-75. Исаја Кордие со 14 поени беше најпрецизен на натпреварот, а за победничкиот тим се истакна Даниел Отуру со 13 поени.