Црвена Звезда ја продолжи победничката серија: Париз падна во Белград!

Кошаркарите на Црвена Звезда ја забележаа четвртата победа по ред во Евролигата, откако во Белградската арена го совладаа Париз со 90-81.

Избраниците на Ибон Наваро имаа контрола врз натпреварот во поголемиот дел од средбата, но во финишот дојде до опуштање, па гостите успеаја да се доближат на само пет поени негатива на две минути до крајот.

Сепак, тогаш на сцена стапи Батлер, кој презеде одговорност и помогна да се разреши прашањето околу победникот, за белградскиот тим да ја продолжи својата успешна серија.

Најефикасен во победничкиот состав беше Монеќе со 23 поени. Батлер заврши со 13 поени и пет асистенции, Нвора запиша 12 поени и шест скока, додека Ѓуришиќ придонесе со 11 поени.

Кошаркарите на Бешикташ го совладаа Баерн Минхен со 95-87 и со тоа во третиот обид ја забележаа првата домашна победа во Евролигата. Џејлен Новел со 21 и Скоти Вилбекин со 20 поени беа најзаслужните за триумфот на турскиот тим.

Уште еден турски претставник вечерва славеше убедлива победа. Ефес со голем триумф се враќа од гостувањето кај Жалгирис, откако по 40 минути игра славеше со 85-70.