• Горан Упале

Кошаркарите на Црвена Звезда на вистински начин ѝ се реваншираа на Басконија и запишаа нова победа во европската кошаркарска лига во Европа. Во првиот натпревар од вечерашната програма во Евролигата, „црвено-белите“ со 74-63 го совладаа шпанскиот состав и му се одмаздија за убедливиот пораз во нивната прва пресметка оваа сезона (92-75).
И покрај вечерашната победа Црвена Звезда е без шанси за пласман во плеј-офот, бидејќи во последниот период бележеше лоши резултати и на последните пет средби има дури четири порази. Но, овој успех на српскиот шампион оди во прилог на неговиот најголем ривал Партизан, бидејќи Басконија грчевито се бори за место меѓу најдобрите осум, а со овој пораз падна на деветтата позиција.
Иако шпанскиот тим подобро започна и имаше предност во првата четвртина, во следните два квартала Црвена Звезда со гранитна одбрана прими само 23 поени и го презеде водството. Во финалните десет минути момците на Ивановиќ искусно ја сочуваа предноста и заслужено стигнаа до својата тринаесетта овосезонска победа.
Прв поентер кај „црвено-белите“ беше Недовиќ со 20 поени, додека за Басконија се истакна Томпсон со 15 поени. На четири кола до крајот на лигашниот дел во Евролигата, Црвена Звезда е на 14. место, додека Басконија ќе ја продолжи битката за плеј-оф со Жалгирис, Партизан и Макаби.