Црвена Звезда извојува џиновска победа кај Монако, Фенер сигурен со Баерн

Кошаркарите на Црвена Звезда со џиновска победа се враќаат од гостувањето кај Монако во Евролигата. „Црвено-белите“ по одличната партија против Алба Берлин и високиот триумф од 21 поен, вечерва во драматичен натпревар го совладаа францускиот претставник (90-98) и одново скорот им е во плус (пет победи и четири порази).

Во кнежевството се водеше голема битка, а на крај пресуди последната четвртина. Во истата се влезе со егал резултат (74-74), а кога се кршеше резултатот кошаркарите на Црвена Звезда одиграа на врвно ниво и заслужено за првпат по пауза од шест години славеа на гостински терен кај Монако.

Петрушев со 25 поени и седум скока и Милер-Мекинтајер 20 поени и три скока беа најдобрите поединци кај српскиот тим, додека Џејмс и Окобо со по 20 поени беа лидери кај Монако.

Во истанбулската „Улкер спортс арена“ се одигра првиот натпревар од деветтото коло во Евролигата, а Фенербахче по многу проблеми успеа да го победи Баерн со нешто поубедлив резултат од реалната слика (87-76).

Најефикасен кај победничкиот тим беше Најџел Хејс-Дејвис, кој постигна 25 поени, додека Девон Хол имаше 12 со 7 асистенции. На другата страна, 24 поени со 2 скока и 5 асистенции имаше Карсен Едвардс.