• Александар Ковачев

Кошаркарите на Борац Чачак беа пред големо изненадување во Купот на Србија, но потклекнаа во финишот и на крајот пласман во полуфиналето обезбеди Црвена Звезда, која по дополнителните пет минути славеше победа од 85-79. Натпреварот во регуларниот дел заврши 71-71.
Иако беа големи фаворити, „црвено-белите“ од самиот старт не можеа да ја наметнат својата игра, односно кошаркарите на Борац возвраќаа на секој нивни кош и не дозволуваа одлепување на фаворитот. Во таква игра, на мала пауза „Црвена Звезда“ замина со позитива од 15-14, а до одморот позитивата ја зголеми на 36-30.
И кога се очекуваше пад на кошаркарите на Борац, тие возвратија со цврста одбрана, го презедоа водството и го одржуваа до самиот финиш. На три минути до крајот од регуларниот дел имаа и +6 (62-68), но пресуди искуството и среќата на избраниците на Алимпијевиќ, кои се изборија за продолжение (71-71). Во дополнителните пет минути белграѓани ја искористија психолошката предност и на крајот славеа победа од 85-79. Дел од тимот на Црвена Звезда не беше нашиот Перо Антиќ, иако и тој се наоѓа со своите соиграчи во Ниш, но тренерот Алимпијевиќ нагласи дека тој ќе игра само доколку е потребно во финалето, секако ако неговите соиграчи обезбедат пласман.
Во полуфиналето Црвена Звезда ќе игра против ФМП, а останатите два четвртфинални дуели на програмата се утре. Завршницата од Купот на Србија се игра во салата „Чаир“, во Ниш.