• Горан Упале

Екипата на Црвена Звезда стигна до првата победа во новата сезона во Евролигата, откако на домашен терен го совлада Анадолу Ефес со 77-72 во третото коло.
„Црвено-белите“ одиграа борбено и во неизвесен натпревар успеаја да го одбијат налетот на турскиот тим во финишот. По првите две кола, во кои загуби од Жалгирис и Хапоел, Звезда конечно стигна до триумф, па сега двата тима имаат скор 1-2.
Чима Монеке беше еден од клучните играчи во пресвртот, откако во третата четвртина погоди три тројки во низа и ја крена атмосферата во „Арена“. Во завршницата Ефес се врати во игра, но домашните останаа смирени и го задржаа водството.
Натпреварот, сепак, го одбележа и тешката повреда на Мајк Џејмс. Американецот во финишот на третата четвртина се повреди, а според првичните информации станува збор за повреда на Ахиловата тетива. Џејмс со носилки беше изнесен од теренот.
Во следното коло Звезда ќе гостува кај Дубаи, додека Анадолу Ефес ќе му гостува на Олимпијакос во Пиреја.









