Црвена Звезда го прави Миротиќ најплатен играч во историјата на српската кошарка

Никола Миротиќ си заминува од Барселона и така продолжува сагата околу неговата иднина. За потписот на кошаркарот се борат два „братски“ клуба, тоа се Црвена Звезда од Србија и Олимпијакос од Грција.

Интересна вест доаѓа од Грција, од каде медиумот „СДНА“ пренесува дека Црвена Звезда нема да жали средства за кошаркарот. Белграѓани подготвуваат тим за новата сезона на Евролигата каде сакаат подобри резултати, а подготвени се да го направат Миротиќ најплатен играч во историјата на српската кошарка.

За да го добие во трката со Олимпијакос, Ц. Звезда е подготвена да му даде три милиони евра на кошаркарот по сезона. Истата сума ја нуди и грчкиот гигант, меѓутоа како главен фактор се споменуваат добрите релации на звездашите со Миротиќ.

Доколку дојде до договор, Миротиќ ќе го надмине Кевин Пантер од Партизан Mozzart Bet кој во моментов добива два милиони евра по сезона. Пред да дојде во Барселона, Миротиќ играше во НБА-лигата во Чикаго, Њу Орлеанс и Милвоки, а беше дел и од Реал Мадрид.