Црвена Звезда го доби тензичното дерби во „Морача“, прв пораз за Будуќност

Екипата на Црвена Звезда успеа да слави на гостувањето кај Будуќност во Подгорица (73-75) и така му го нанесе првиот пораз на Будуќност сезонава во АБА-лигата, во еден тензичен дуел исполнет со прекини.

Дуелот тргна израмнето, а прв удар зададе Будуќност, кој во вториот квартал се одлепи на плус десет (30-20). Меѓутоа, широкиот ростер на Црвена Звезда го врати белградскиот тим во игра, откако до полувремето се спушти на минус од четири поени (37-33), а потоа се направи и пресврт во третиот период (39-40).

Оттогаш, беше израмнето во „Морача“, а за одбележување е и прекинот кој настана поради проблеми со електричната енергија. Во продолжението од мечот Будуќност го контролираше резултатот и беше во мал плус и се влезе во неизвесна завршница, која претходно ја одбележа нов прекин, овој пат заради навреди кон гостите.

Беше 69-69 во финишот, а потоа откако Будуќност даде два поени преку Рајт, следеше одговор од Недовиќ и тројка за 71-72. Во следниот напад на црногорскиот првак Рајт пак поентира (73-72) и на семафорот имаше уште 32 секунди. Драмата до крајот ја доби Црвена Звезда која го преживеа последниот напад на Будуќност и слави со 73-75.

Недовиќ го заврши натпреварот со 25 поени, а двоцифрен беше уште Милер-Мекинтајер со 13 поени, додека кај Будуќност, Рајт имаше 20, а Маги 12 постигнати поени.