Црвена Звезда демонстрира сила и со 24 разлика го посрамоти Баерн Минхен

Кошаркарите на Црвена Звезда го одиграа можеби најдобриот натпревар оваа сезона во Евролигата и во својот дом му нанесоа тежок пораз на Баерн Минхен (101-77), кој во последниот период игра во одлична форма, а во Белград отпатува по фантастичната победа над Барселона во претходното коло.

Но, во „Штарк Арена“ се прашуваа само домашните кошаркари, особено во третата четвртина која ја добија со неверојатни 19 поени разлика (29-10). Во воведниот дел германскиот тим го следеше чекорот на разиграниот домаќин (25-19), додека во втората четвртина се играше израмнето и звездашите го сочуваа сигурното водство. 

Но, во третиот квартал следуваше неверојатна игра на „црвено-белите“, во напад погодуваа од секоја позиција, а во одбраната му зададоа многу проблеми на противникот, па тоа резултираше со предност од 27 поени. Во последните десет минути српскиот тим искусно го сочува високото водство и на крај славеше со 24 поени разлика.

Петрушев со 25 поени, пет скока и три асистенции беше најпрецизен кај Црвена Звезда, а солидна партија одиграа уште Даум со 16 и Добриќ со 15 поени. За поразениот тим се истакна Букер со 14 поени.