Црвена Звезда бара промена на правилникот, дали МЗТ Скопје ќе заигра во АБА лигата?

Македонија наредната година се очекува да има свој претставник во АБА лигата. Тоа ќе биде екипата на МЗТ Скопје, која со пласманот во финалето на АБА2 завршницата обезбеди место во елитата.

Регионалното натпреварување не дозволува повеќе од пет клуба да играат во лигата, а да доаѓаат од иста држава. Тоа значи дека Златибор, кој славеше во големото финале против „штрковите“, ќе игра бараж со најслабо рангираната српска екипа во АБА лигата, а тоа е Борац Чачак.

Српските медиуми изразија незадоволство од оваа ситуација. Тие побараа менување на правилникот, а Црвена Звезда излезе со официјално соопштение, преку кое инсистира дека ова правило за пет екипи од иста држава важело само за сезоната 2021/22.

„КК Црвена Звезда сака да ја информира јавноста дека официјално ќе побара од раководството на регионалната лига да се расчисти ситуацијата околу бројот на клубови од една земја кои можат да играат во првата лига во натпреварувачката сезона 2022/23.

Како клуб кој е косопственик на оваа лига со другите клубови учесници, сметаме дека моменталната состојба е неприфатлива и неодржлива и сакаме да добиеме конкретен одговор на ова прашање (за кошаркарската јавност навреме да биде информирана) пред 30 април 2022. Сосема непотребно и неоправдано два српски клуба (Борац Чачак и Златибор Чајетина) треба да го одиграат првиот плеј-оф натпревар за опстанок (или пласман) во првиот ранг од регионалното лигашко натпреварување!“.

Целосното соопштение на „црвено-белите“ може да го прочитате ТУКА.