Црногорската кошарка завиена во црно, почина Душко Вујошевиќ

Европската кошарка остана без едно големо име, откако денес во Белград почина легендарниот стратег Душко Вујошевиќ на 67-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврдија српските медиуми, а зад себе Вујошевиќ остава огромно наследство и неизбришлива трага во регионалната и европската кошарка.

Искусниот тренер подолго време се бореше со сериозни здравствени проблеми, најмногу со бубрезите, а во 2025 година мина и трансплантација во Белорусија. Во текот на март годинава бил примен во болница поради дополнително влошување на состојбата, кога се појавиле и проблеми со срцето и белите дробови.

Во својата богата кариера Вујошевиќ беше тренер на многу клубови меѓу кои и лутите српски ривали Партизан и Црвена Звезда. Најголемиот белег го остави во Партизан, каде што доминираше во првата деценија од овој век и освои бројни титули во домашните и регионалните натпреварувања. Со „црно-белите“ двапати стигна до „фајнал-фор“ во Евролигата, во 1988 и 2010 година.

Во својата кариера беше шампион на Југославија, Србија и АБА лигата, како и освојувач на Купот на Кораќ, а остана запаметен како тренер кој создаваше играчи и поставуваше нови стандарди во европската кошарка. Последниот ангажман Вујошевиќ го имаше во 2021 година, кога го предводеше романски Клуж Напока.