Црна Гора ја имаше победата во свои раце, ама на крај се радуваа Турците

По драматичен финиш, кошаркарската репрезентација на Црна Гора запиша пораз од Турција на Евробаскетот (72-68), иако одигра на исклучително високо ниво и ја имаше победата во свои раце.

Избраниците на Бошко Радовиќ храбро го започнаа натпреварот против Турција, која беше голем фаворит на хартија. Црна Гора со агресивна одбрана успеа да ги затвори приодите кон кошот, и имаше убедлива предност од десет поени на полувреме. Сепак, во вториот дел искусните Турци влегоа во серија, беа поконцентрирани во моментите кога се кршеше резултатот и ја запишаа првата победа на шампионатот.

Најефикасни кај Црна Гора беа Бојан Дубљевиќ со 18, Марко Симоновиќ со 13, Кендрик Пери со осум и Петар Поповиќ со седум поени. Шејн Ларкин со 18 поени, Чеди Осман со 15 поени и Алпер Сенгун со 12 поени беа предводници на Турција.

Црна Гора и Турција се во група со Шпанија, Белгија, Бугарија и Грузија. Црна Гора во следното коло ќе игра против Белгија, додека Турција ќе ги одмери силите со селекцијата на Бугарија која денес беше убедливо поразена од Шпанија.