Црна Гора без капитенот на Евробаскетот

Кошаркарската репрезентација на Црна Гора ќе настапи без капитенот Бојан Дубљевиќ на претстојниот Евробаскет. Искусниот центар ќе мора да оди на операција на раката, поради што нема да му биде на располагање на селекторот Бошко Радовиќ.

Дубљевиќ е едно од најпрепознатливите имиња во црногорската репрезентација, со настапи на три Евробаскета (2013, 2017, 2022) и на два Светски шампионати (2019, 2023).

Покрај него, на Евробаскетот ќе отсуствуваат и Никола Ивановиќ, Немања Радовиќ, Дино Радончиќ и Петар Поповиќ, а многу мали се шансите да настапат Лука Богавац, Давид Мирковиќ и Андрија Грбовиќ. Со тимот нема да биде ниту Федор Жугиќ, кој не доби дозвола од својот универзитет.

Европското првенство ќе се игра од 27 август до 14 септември, во Летонија, Финска, Полска и на Кипар. Црна Гора ќе игра во групата Б во Тампере (Финска), заедно со Германија, Литванија, Финска, Шведска и Велика Британија. Првите четири селекции обезбедуваат пласман во осминафиналето, а елиминационата фаза ќе се игра во Рига.

ФОТО/PHOTO: FIBA