„ЦПБ“ бесни на играчите: Ги натераа да ги соблечат дресовите по поразот (ВИДЕО)

Се најавуваше враќање на победничките патеки, нов спонзор, нов проект и поддршка од централната власт со која Работнички пак ќе биде конкурентен за трофејот во првенството. Сепак, стартот на сезоната не е сјаен и покрај многуте засилувања летово во Градски Парк. 

Денес Работнички претрпе домашен пораз во СРЦ „Кале“ од екипата на Феникс 2010. Навивачите беа видно незадоволни и во текот на натпреварот скандираа против кошаркарите, а по завршувањето се случи една несекојдневна ситуација. Играчите пријдоа пред трибината каде што беа „Сити Парк Бојс“, а таму го очекуваа лоши моменти. Навивачите побараа од играчите да ги соблечат дресовите, нагласувајќи им дека не заслужуваат да ги бранат клупските бои. 

Работнички се наоѓа во криза, ситуацијата на финансиски план се стабилизира, меѓутоа и натаму тимот не делува подготвен за високи дострели. Во моментов по десет одиграни натпревари тимот од центарот на Скопје има шест победи и четири порази.

Веројатно поразот како пораз од Феникс 2010 не е толку болен, туку навивачите им замеруваат на кошаркарите за незалагањето кое беше проблем и во „вечното дерби“ кое го загубија од МЗТ Скопје.