• Иван Димовски

Екипата на Цибона во 2014 година ги изненади сите кога го освои трофејот во АБА лигата, откако на завршниот турнир во Белград приреди подвиг. Иако заработи место во Евролигата, тимот од Хрватска не заигра во елитата, а наместо нив настапи Црвена Звезда.
Поранешниот хрватски репрезентативец Фрањо Араповиќ, чиј син Марко во тоа време играше за Цибона, сподели интересна информација за хрватските медиуми. Тој нагласи дека Србите го купиле евролигашкото место од Цибона за 800.000 евра.
„Цибона ѝ го продаде местото во Евролигата на Црвена Звезда, а ние знаеме како се случи тоа. Човекот кој зеде најмногу пари сега си гради апартмани на Крк.
Гледам на телевизија, претседателот на Црвена Звезда, Небојша Човиќ кога доби прашање од новинарка за таа информација дека платил 800.000 евра за местото, кажа дека тоа е многу помалку од тие 1.2 милиони кои ги барал УЛЕБ. И што сега?“, рече Араповиќ.
Српскиот „црвено-бел“ табор, заедно со Партизан е најтрофеен во АБА лигата со по шест златни одличја, па така и најмногу профитираа со играње во елитата.