• Зоран Мишевски
По ланскиот неуспех и болниот пораз во финалето во Белград, кошаркарите на Реал Мадрид се изборија за нова шанса за најпрестижниот кошаркарски трофеј на стариот континент.
По неверојатниот пресврт во четвртфиналето против Партизан, „кралевите“ со сигурна игра ја совладаа Барселона во полуфиналето и сега ги чека уште финале со најдобриот тим од лигашкиот дел – Олимпијакос. Чус Матео вели дека му е чест што во својата прва сезона како тренер дојде до финале и дека заедништвото и ветераните се причината што тимот одново ќе игра меч за титула.
„Чест ми е што во мојата прва сезона како самостоен тренер дојдов до финалето. Спроти мене ќе биде Барцокас, референца на тренерската позиција и голем џентлмен. Многу сум среќен заради тоа. Ќе играме против кошаркарската „машина“ на Олимпијакос, но во финалето сме и почнуваме да „сонуваме“. Треба да продолжиме да сонуваме, да се бориме како што се боревме да дојдеме тука и ќе го дадеме најдоброто од себе за да дојдеме до трофејот.
Заедништвото на екипата е причината што сме тука. Кога се чинеше дека сите фактори се против нас, вербата ја направи нашата екипа посилна. Да го оставиме срцето на терен е својствено за нашата историја и тоа никогаш нема да се промени.
Искусните кошаркари се многу важни, но тимот е пред секој индивидуалец. И оние кои играат првпат на „фајнал-фор“ и ветераните знаат како да останат заедно во тешките моменти и да играат според планот кога работите функционираат. Кога загубивме на првиот натпревар против Партизан, им реков на кошаркарите дека уште сме на пет победи до титулата. И после вториот пораз им ги повторив истите зборови. Сега сме на една победа до целта и уште размислуваме слично и се потпираме на нашето заедништво“, рече тренерот на Реал Мадрид.
Големото финале меѓу Реал Мадрид и Олимпијакос се игра в недела во „Жалгирио Арена“.