Чуден меч во Аеродром: МЗТ се препоти за победа со Академија ФМП

Лидерот во Првата лига, екипата на МЗТ Скопје, неочекувано се мачеше и едвај победи со Академија ФМП (79-72) во меч кој се одигра во салата СЦ „Јане Сандански“ во Аеродром.

  • Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Академија ФМП:

Почетокот изгледаше дека победата ќе биде лесна за домашната екипа. МЗТ иако отвори лошо (2-7), по десет минути имаше 19-10, предност од девет поени која на контото на аеродромци остана и на полувремето (35-26). На средината на третата четвртина се поведе и двоцифрено (47-37), но потоа на сцена стапи Огундиран. 26-годишниот Нигериец со американски пасош беше вистинска енигма за ривалот. Плејмејкерот кој е репрезентативец на африканската селекција одигра симултанка, врза тринаесет поени во низа и донесе нерешено (58-58).

Тоа беше на влезот во последните десет минути и егал-играта траеше до самиот финиш. Во последниот квартал македонските играчи го чуваа гостинот од Кисела Вода, додека на спротивната страна во МЗТ тоа беа Војдан Стојановски и Расел. Беше 72-70 на 120 секунди до крајот, а победата ја донесоа Баковиќ и Војдан Стојановски со две врзани тројки.

Најдобар кај МЗТ беше Војдан Стојановски со 21 поен, пред Баковиќ со 13, а Ворку заврши со 12 постигнати поени. Двоцифрен учинок имаше и Расел со 12 поени. Кај Академија ФМП, одличниот Огундиран даде 29 поени, Сантана имаше 11, а капитенот Петровски даде десет поени.