Човекот кој пријави повреда при клучните слободни фрлања е МВП на АБА лигата!

Мфионду Кабенгеле е прогласен за најкорисен играч (МВП) на финалната серија во АБА лигата, откако беше еден од најзаслужните за историскиот успех на Дубаи и освојувањето на шампионската титула.

Центарот на тимот од Обединетите Арапски Емирати блескаше и во четвртиот натпревар од финалето против Партизан, постигнувајќи 14 поени и осум скокови. Со тоа беше меѓу најдобрите поединци во составот на Дубаи, кој стигна до третата победа во серијата и до првиот трофеј во клупската историја.

Интересна ситуација се случи во самиот финиш на средбата. Кабенгеле требаше да ги изведе клучните слободни фрлања на 15 секунди пред крајот, но по тајм-аутот пријави повреда и беше заменет. На негово место влезе Алекса Аврамовиќ, кој остана смирен и ги реализираше двете слободни фрлања, со што практично ја потврди титулата за Дубаи против својот поранешен клуб.

И покрај тоа што не беше на линијата за слободни фрлања во решавачките моменти, Кабенгеле сосема заслужено го доби признанието за најкорисен играч на финалната серија.