• Мартин Танасковски
Ол-стар кошаркарот Ентони Дејвис повеќе не е член на Далас Маверикс, откако беше вклучен во голем НБА-трејд и се сели во редовите на Вашингтон Визардс, пренесуваат добро информирани американски инсајдери.
Заедно со Дејвис, патот кон главниот град на САД го фаќаат уште Џејден Харди, Д’Анџело Расел и Данте Егзум, додека во спротивна насока, од Вашингтон кон Далас, заминуваат Крис Мидлтон, Еј-Џеј Џонсон, Малаки Бранхам и Марвин Бегли, како и значаен пакет од два пика од првата рунда и три пика од втората рунда на драфтот.
Ова е уште еден голем пресврт во кариерата на Дејвис, кој точно пред една година беше дел од спектакуларен блокбастер-трејд кога ги напушти Лос Анџелес Лејкерс и се пресели во Далас, во размена во која во спротивна насока замина словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ.
Од аспект на индивидуалната форма оваа сезона, Крис Мидлтон во дресот на Визардс бележеше просек од 10,3 поени, 3,9 скока и 3,3 асистенции, додека Еј-Џеј Џонсон беше на 2,8 поени по натпревар. Малаки Бранхам имаше просек од 4,6 поени, а Марвин Бегли придонесуваше со 10,1 поен и 5,7 скока по меч.
Од другата страна, Ентони Дејвис и понатаму играше на високо ниво со 20,4 поени, 11,1 скок и 2,8 асистенции по натпревар. Д’Анџело Расел додаде 10,2 поена и 4 асистенции, додека Џејден Харди беше на 6,9 поени во просек. Данте Егзум, пак, оваа сезона сè уште нема настап поради повреда.




