Чаир впиша четврта победа во четири кола преку „ангелите“

Кошаркарите на Чаир 2030 ја запишаа и четвртата победа во последните четири кола во Суперлигата, откако во салата „Шабан Трстена“, заслужено го совладаа тимот на Ангели и по десет одиграни кола се искачија на скор 4-6, што ги оддалечи од „црвената зона“ во елитното натпреварување.

  • Комплетниот натпревар меѓу Чаир 2030 и Ангели:

Иако првата четвртина понуди целосна неизвесност, со висок ритам и расположени напади на двете страни, домашниот тим уште тогаш навести дека има јасна намера да ја продолжи победничката серија. Првите десет минути донесоа дури 50 поени и минимална предност за Чаир 2030, кој поведе со 26-24. Клучниот исчекор „сино-белите“ го направија во вториот период, кога успеаја да го задржат офанзивниот интензитет, но истовремено значително ја зацврстија одбраната. Токму тој баланс им овозможи првпат да се одвојат на двоцифрена разлика, па на големата пауза заминаа со убедливи 55-41.

Третата четвртина донесе поизедначена игра, налик на воведниот дел од натпреварот, но таквиот тек целосно му одговараше на тимот кој веќе имаше солидна предност. Чаир 2030 сигурно го контролираше резултатот, а во последниот период влезе со високи 84-70, разлика која без поголеми проблеми ја задржа до самиот крај за нова значајна победа.

Во редовите на победничкиот тим повторно се истакна Билингсли, кој одигра уште една одлична партија и беше најефикасен со 27 поени, надополнети со осум скока. Силен придонес даде и Тачи, кој постигна 21 поен, а со својата разигрувачка улога додаде и седум асистенции, како и шест скока. Комплетна партија прикажа и Рушити, кој оствари дабл-дабл ефект со 16 поени и 11 асистенции, дополнети со два скока.

Кај Ангели, кои и понатаму се наоѓаат на дното на табелата со само една победа по десет кола, најрасположен беше Фордхам со 17 поени и шест асистенции. Настовски придонесе со 14 поени и осум скока, додека Балов уфрли 12. Солиден настап имаше и новото засилување Ренг, кој додаде 10 поени и шест скока.