• Зоран Мишевски
Распоредот на натпреварите, односно термините кои ги дадоа екипите кои се во улога на домаќини во десеттото првенствено коло од Првата кошаркарска лига со себе носи и некои дополнителни моменти.
Поврзани се со фактот дека дури три од нив ќе се играат во салата на СРЦ „Кале“, а уште еден во „соседството“, односно во малата сала, каде своите натпревари ги игра екипата на Вардар, која во овој круг од шампионатот го пречекува битолски Пелистер. Тројната програма ќе биде отворена од 14:00 часот, кога на теренот ќе се појават екипите на Шкупи и на Кожув. Во исто време, но стотина метри „подалеку“ ќе играат и Вардар и Пелистер.
Од 17:00 часот, на програмата е дуелот во кој лидерот во првенството, екипата на ТФТ ќе го дочека кавадаречки Тиквеш Голден Игл, а три часа подоцна, на истото место, ќе се сретнат екипите на Работнички и Гостивар.
Во Скопје ќе се одиграат и преостанатите два натпревари од ова десетто коло. Поточно, уште еден натпревар од овој круг во таа саботна програма е закажан за СЦ „Јане Сандански“ (во малата сала), каде ќе разигруваат двете „соседски“ екипи, МЗТ Скопје Аеродром и Феникс 2010.
Последниот натпревар, пак, е предвиден за недела, од 19:00 часот, ќе се игра во салата „Шабан Трстена“, каде Чаир 2030 е домаќин на МКК Куманово.