• Саше Љолес
Управата на израелскиот клуб Хапоел Тел Авив соопшти дека покренала постапка против Американецот Џонатан Мотли, кој реши самоволно да го напушти клубот и најверојатно ќе се пресели во Белград, каде ќе потпише договор со Црвена Звезда.
Иако тој е уште под договор со Хапоел, на порталот „Софаскор“ стои дека Мотли е играч на Црвена Звезда од 1 ноември годинава, што предизвикало бес кај управата на израелскиот клуб, кој најави дека ќе тргне во правна офанзива против кошаркарот.
Изминатиов период Мотли по секоја цена сакал да го раскине договорот со Хапоел и се претпоставува дека ја прифатил понудата од Звезда вредна 2,2 милиони евра, но сега се чека разврската дали тој воопшто ќе може да настапи за „црвено-белите“.
Доколку сите засегнати инстанци одлучат дека Мотли ги прекршил правилата, тогаш веројатно ќе добие суспензија и прашање е дали веднаш ќе може да настапува за белградскиот гигант. Американецот сезонава бележеше просек од 15,5 поени во домашното првенство и 17,5 поени во Еврокупот.