Цедевита Олимпија доби огромно засилување, потпиша со Зоран Драгиќ

Екипата на Цедевита Олимпија промовира огромно засилување за вториот дел од сезоната. Нов кошаркар на словенечката екипа е репрезентативецот и играч со НБА искуство, Зоран Драгиќ. 

Помладиот од браќата Драгиќ оваа сезона играше во Жалгирис, но го прекина договорот со литванскиот тим. 32-годишникот го изрази задоволството за враќањето во родната земја, каде што претходно настапуваше пред интернационалните предизвици. 

„Среќен сум што дојдов во Цедевита Олимпија. Ова е одличен тим и верувам дека можам да помогнам со искуството и знаењето. Целта ми е да дојдеме меѓу осумте најдобри во Еврокупот и барем до полуфиналето на АБА лигата. Моите амбиции се високи и сакам победа во секој натпревар“, изјави Драгиќ. 

Екипата од Љубљана доби сериозно засилување во пресрет на пролетната полусезона. Драгиќ во својата кариера преку Илирија, Јанче, Слован и Крка избоксува трансфер во Малага. Од Шпанија словенечкиот кошаркар дојде до НБА лигата и настапуваше за Феникс Санс и Мајами Хит, пред да се врати во Европа. По кам-бекот на „стариот континент“ Драгиќ играше за Химки, Олимпија Милано, Анадолу Ефес, Трст, Улм, Басконија и Жалгирис.